Медиасет.мк

Медиасет

Најнаградуваниот руски пијанист Петер Лаул настапува со Македонска филхармонија

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија, ќе одржи концерт насловен „Пијанизам хероизам“ на кој како солист ќе настапи рускиот пијанист Петер Лаул, а диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се Поема за симфониски оркестар „Древниот ѕид“ од Томислав Зографски, Концертот за пијано и оркестар бр.2 во Еф-дур од Дмитри Шостакович и Симфонијата бр.6 во Де-дур од Антонин Дворжак.

Конрад ван Алфен е „инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за холандскиот маестро, којшто е чест диригент со Филхармонија на РСМ, а пред една година беше и почесен гостин диригент со нашиот оркестар. Овој етаблиран холандски/јужноафрикански диригент се стекна со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигна својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен беше на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здоби со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“, во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холандија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот национален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултираа со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање, под раководство на Ери Клас и Роберто Бензи.

Пијанистот Петер Лаул е еден од најнаградуваните руски пијанисти, кој соработувал со диригенти како Шостакович, Гергиев, Касадесус… Роден е во 1977 година во Ленинград, а дипломирал во 2000 година на Државниот конзерваториум „Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург (во класата на Александар Сандлер). Меѓудругите, во 2003 му беше доделена и почесна награда „За достигнувања во културата“ од Министерството за култура на Руската Федерација. Неговите настапи се многубројни. Настапувал во Русија, Германија, Франција, Велика Британија, Австрија, Швајцарија, Шпанија, Белгија, Луксембург, Италија, Украина, Естонија, Латвија, Литванија, Финска, Шведска, Полска, Чешка, Унгарија, Романија, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Холандија, Турција, САД, Бразил и Јапонија, вклучувајќи ја Филхармонијата на Санкт Петербург, „Стенвеј хол“ и „Линколн центар“ во Њујорк, „Концертгебау“ во Амстердам, престижните концертни сали во Токио, салата „Верди“ во Милано… Редовно соработува со оркестри како Филхармонијата на Санкт Петербург, Оркестарот на Маринискиот театар, Московскиот симфониски оркестар… Петер Лаул посебно внимание посветува на камерната музика и во таа смисла, негови редовни партнери се уметници како Иља Гринголц, Максим Венгеров, Виктор Третјаков, Алена Баева, Сергеј Левитин, Давид Гримал, Марк Копеј… Зад себе има и многубројни снимки за врвни издавачки куќи, од кои се истакнуваат оние со делата на Скрјабин (2006), целосните трија и сонати за виолончело од Брамс (2007, 2008), целосните сонати и трија за виолина од Шуман (2010) и целосните дела за виолина од Стравински (2016). Од 2002 година предава пијано на Конзерваториумот во Санкт Петербург.

На почеток
error: