Денес се навршуваат четири години од смртта на маестро Александар Џамбазов, а по тој повод неговиот син, актерот и музичар Игор Џамбазов, сподели длабоко лична и трогателна објава на социјалните мрежи, посветена на својот татко.Во објавата, Џамбазов открива дел од интимната приказна за човекот кој, како што вели, бил „единствен примерок“, а чие присуство и денес го препознава во сопствениот одраз во огледалото. Текстот е извадок од неговата книга „Облечен човек“ и претставува искрено сведоштво за идентитетот, сенките и величината на еден маестро.„Денес се навршуваат четири години од заминувањето на мојот татко Александар.Ова е дел од приказната за него во мојата книга ‘Облечен човек’.Од пред некое време, наутро, кога ќе застанам пред огледалото, како да го гледам него. Особено кога имам на себе неколкудневна брада, јас и изгледам исто како него. И тоа е можно.До својата 50-та година личев на примероците од ‘велешката сорта’, а оттогаш па наваму, со невидена брзина станувам примерок на ‘штипската крв’.Татко ми Џамбаз е човек што вреди да го имаш за татко. Единствен примерок.Татко ми Џамбаз целиот свој живот се жали дека никогаш не бил свој. Секогаш бил во нечија сенка. Се разбира дека тоа не е така.‘Прво бев сопруг на Анче, па зет на Петре Прличко, а сега сум татко на Игор. А јас? Па што сум тогаш јас?’Ти си маестро, маестро мој.“Со оваа објава, Игор Џамбазов уште еднаш потсети на големината на маестро Александар Џамбазов – не само како уметник, туку и како татко, чиј дух и наследство продолжуваат да живеат преку зборот, музиката и сеќавањето.
