Легендарниот германски состав Kraftwerk, еден од највлијателните бендови во историјата на современата музика, ова лето доаѓа во Скопје. Во организација на „Авалон продукција“, електронските визионери ќе настапат на 25 јули на Стадионот на АРМ, како дел од нивната нова светска турнеја „Multimedia 2026“, која Скопје го вклучува рамо до рамо со најголемите светски метрополи.Kraftwerk се бенд без кој современата музика тешко може да се замисли во формата што ја познаваме денес. Нивното влијание се протега низ електронската музика, техно-попот, синт-попот, хип-хопот, па сè до рокот и попот, а нивниот уметнички отпечаток е препознаен и институционално, со Grammy Lifetime Achievement Award и членство во Rock & Roll Hall of Fame. Повеќе од пет децении по нивните први чекори, Kraftwerk и понатаму остануваат симбол на иновација, визија и постојано преиспитување на односот меѓу човекот и технологијата.Во време кога вештачката интелигенција станува составен дел од секојдневието и кога технологијата сè подлабоко навлегува во човечката реалност, Скопје ќе биде домаќин на бендот што уште пред децении ја отвори токму таа дилема – симбиотската врска меѓу машината и човекот. Kraftwerk не се само музички состав, туку целосен уметнички концепт во кој звукот, визуелниот идентитет, технологијата и сценскиот настап функционираат како единствено, кохерентно дело.Нивното влијание одамна ги надмина жанровските граници. По Битлси, според многу музички критичари, Kraftwerk се сметаат за можеби највлијателниот бенд во историјата на популарната музика. Како инспирација ги наведуваат бројни светски ѕвезди, меѓу кои Daft Punk, Depeche Mode, David Bowie и Kanye West, што дополнително ја потврдува нивната клучна улога во развојот на современиот музички израз.Влезниците за концертот ќе бидат пуштени во продажба во среда, 28 јануари, од 10 часот, преку платформата avalonbooking.mk и преку продажната мрежа на karti.com.mk низ целата држава. Цената за партер ќе изнесува 1.990 денари, додека фан-пит влезниците ќе чинат 2.990 денари, со ограничен контингент од 1.000 билети.Со овој концерт, Скопје добива редок и значаен музички настан, а публиката можност во живо да го доживее бендот кој засекогаш ја промени музиката, сценскиот настап и начинот на кој ја разбираме врската меѓу уметноста и технологијата.
