Од ски-центарот Брезовица упатено важно предупредување до сите скијачи и сноубордисти по инцидент предизвикан од неодговорно однесување на поединци кои скијале надвор од официјалните и обележаните патеки, што довело до активирање лавина.Како што е соопштено, три скијачи започнале спуштање надвор од уредените патеки, при што се случила лавина. Двајца се оддалечиле од местото на настанот, додека еден скијач останал заглавен на врвот на необележаната патека со повредена нога.Благодарение на брзата и професионална интервенција на припадниците на ски-спасувачката служба, повредениот скијач е безбедно евакуиран и пренесен во амбуланта.Од ски-центарот истакнуваат дека со таквите постапки неодговорните поединци сериозно ја загрозиле не само сопствената безбедност, туку и животите на спасувачите, кои за време на интервенцијата биле изложени на дополнителен ризик.За инцидентот е известена полицијата.Ски-центарот Брезовица упати апел до сите посетители строго да ги почитуваат пропишаните правила и да користат исклучиво официјални, обележани ски-патеки, со порака дека скијањето надвор од патеките претставува сериозна опасност и за скијачите и за спасувачките екипи.
