Додека Индија во вторникот ја премина мрачната граница од 25 милиони заразени со коронавирус, боливудските селебрити-личности се вклучија во напорите за обезбедување хуманитарна помош, организирајќи храна за пациенти со Ковид-19 и засилени апели на социјалните мрежи.
Веќе неколку месеци пандемијата беснее во Индија како никаде во светот со незапирлив наплив на новозаразени, а во последниве недели властите пријавуваат меѓу 300.000 и 400.000 нови случаи дневно.
Пријанка Чопра Џонас (38) беше меѓу првите sвезди што реагираа со итна поддршка, кога минатиот месец започна со собирање средства со својот сопруг пејач Ник Џонас. Напорот е соработка помеѓу Фондацијата „Пријанка Чопра Џонас“ и „Гив Индија“, паниндиска непрофитна организација.
Чопра Џoнас, која има 63 милиони следачи на Инстаграм, на 29 април упати емотивен апел до своите фанови да ги отворат паричниците доколку имаат готовина бидејќи Индија се соочува со недостиг на залихи кислород, вакцини и друга опрема за спасување живот. Пораката беше споделена и на нејзиниот профил на Твитер, каде што има околу 27 милиони следачи.
„Пациентите заболени со ковид се принудени да најдат начин да се лекуваат дома бидејќи болниците се задушуваат од напливот на нови случаи и недостиг на испорака на кислород“, се наведува во известувањето на страницата за собирање средства. „Ајде да се здружиме и да ѝ помогнеме на Индија да биде безбедна и повторно да дише“.
Чопра Џонас се надева дека ќе собере донации од 3 милиони долари до крајот на мај. Од понеделникот вечерта, беа собрани 1,04 милиони долари од околу 14,000 луѓе.