Рафаел Надал и Карлос Алкараз веќе пристигнаа во Париз каде ќе се обидат да го освојат олимпиското злато во двојки.
Двајцата ќе играат во двојки, но и во сингл на Олимписките игри, а помладиот Шпанец покажа колку ја цени легендата.
Во претходните 40 дена Алкараз ги освои Ролан Гарос и Вимблдон, но сепак тврди дека целосно ќе го послуша она што од него го бара легендарниот Рафа.
„Во моментов не сум нервозен. Кога ќе дојде време за меч, ќе бидам. И да, се разбира, тој веќе го преживеал сето ова, веќе знае како е да се игра на Олимписките игри и да се освојува злато и во двојки и во сингл. Нов сум тука, па морам да молчам и само да го слушам“, изјави Алкараз.
Двајцата веќе се во олимпиското село каде се дружат со други спортисти. Ждрепката за сингл е закажана за 25 јули од 11:00 часот, а тенискиот турнир се игра на терените на Ролан Гарос и започнува во сабота на 27 јули. Финалето е закажано за 4 август.