Медиасет.мк

Медиасет

Amazon со рекорден профит, но и масовни отпуштања: „Сакаме да работиме како најголемиот стартап во светот“

Американскиот технолошки гигант Amazon, кој само во првата половина од 2025 година оствари повеќе од 35 милијарди долари профит и планира да вложи над 120 милијарди долари во вештачка интелигенција, најави дека ќе отпушти десетици илјади вработени. Компанијата го објаснува потегот со „потребата за намалување на трошоците“ и целта да функционира „како најголемиот стартап во светот“, пренесува CNN.Овој потег е дел од поширок тренд во американските корпорации кои се соочуваат со раст на трошоците, нестабилна глобална трговија и неизвесност што ја носи технолошката револуција на вештачката интелигенција (АИ). Покрај Amazon, оваа година и други компании отпуштија илјадници работници: UPS укина околу 48.000 работни места, Target минатата недела отпушти 1.800 лица, а Microsoft и Meta исто така спроведоа масовни отпуштања.Иако ваквите мерки обично краткорочно ја радуваат Волстрит, експертите предупредуваат дека станува збор за високоризичен обид да се докаже дека технологијата може да ја зголеми ефикасноста, иако тоа засега не е потврдено. „Ќе гледаме како луѓето имаат преголеми очекувања од оваа технологија, а дел од тие очекувања нема да се исполнат“, изјави професорот Сем Рансботам од Бостон колеџ.Од Amazon негираат дека АИ е директната причина за отпуштањата, но во интерниот допис со кој е најавена мерката се повторува ставот на извршниот директор Енди Џеси дека вештачката интелигенција ќе ги трансформира работните места. „Светот се менува брзо и веруваме дека помала и поефикасна работна сила е клучна за водство во новата ера на АИ“, се наведува во дописот.Експертите, сепак, предупредуваат дека токму вештачката интелигенција може да биде само „димна завеса“, зад која компаниите ги прикриваат подлабоките финансиски и структурни проблеми. „Можеби се работи за превентивни отпуштања, со цел компаниите да ослободат средства за експериментирање со нови технологии“, смета Џесика Кригел, директорка за стратегија во консултантската фирма Culture Partners.Истовремено, студија на Indeed покажала дека употребата на терминот „AI“ во огласите за работа драстично се зголемила, иако во четвртина од случаите не се објаснува како технологијата ќе се користи – појава позната како „AI-перење“ (AI-washing).И покрај големите ветувања, генеративната вештачка интелигенција сè уште не ги исполнила очекувањата. Наместо вистински раст на продуктивноста, доведе до појава на содржини без реална вредност – текстови и податоци што изгледаат убедливо, но често се неточни.Amazon, кој во четврток ќе ги објави своите квартални резултати, не соопшти кои сектори ќе бидат најпогодени. Според проценките на Reuters, бројот на отпуштени може да достигне и 30.000 луѓе.„Прераното кратење на работната сила не ја прави компанијата поагилна – ја прави покршлива“, предупредува Кригел. „Компаниите што ќе опстанат во оваа технолошка револуција не се оние што најбрзо автоматизираат, туку оние што знаат да се приспособат кога системот ќе почне да се лизга.“

На почеток
error: