Британија проверува дали вештачката интелигенција може побрзо да го открие ракот на дојка
Британската Национална здравствена служба (NHS) започна големо истражување во кое ќе бидат вклучени 660.000 жени, со цел да се утврди дали вештачката интелигенција може да помогне во пораното откривање на ракот на дојка.
Во студијата ЕДИТХ ќе се испитува примената на ВИ при анализа на мамографски снимки. Учесничките ќе бидат поделени во три групи: едната ќе го помине стандардниот скрининг, при кој снимките ги проверуваат двајца експерти, додека кај другите две ќе се користи помош од вештачка интелигенција. Секоја снимка, сепак, ќе ја прегледа најмалку еден медицински експерт.
Истражувањето го предводат универзитетите Ворвик и Кембриџ, а целта е да се утврди дали ВИ може да ја зголеми точноста на откривањето на ракот и да ја подобри ефикасноста на скрининг-програмите.
Британската министерка за здравство Ивет Купер оцени дека вештачката интелигенција има голем потенцијал за унапредување на лекувањето, но нагласи дека се потребни истражувања за нејзина безбедна и ефикасна примена.
Резултатите ќе бидат објавени во научни списанија и доставени до британската влада и здравствените служби, кои ќе ја разгледаат можноста за воведување на оваа технологија во националните програми за скрининг.