#ЖИВОТ

Буре вино на аукција во Франција продадено за 800.000 евра

Објавено на

Буре вино „Corton Renardes Grand Cru“ од гроздоберот од 2021 година, е продадено на хуманитарна аукција – за 800.000 евра. Ова е рекорд во наддавањата, според аукциската куќа „Сотби“.

Дел од приходите ќе ѝ бидат подарени на Националната федерација за солидарност со жените, а дел – на Институтот „Кири“. Првата организација се бори против насилството врз жените, а втората спонзорира медицински истражувања за борба против ракот на дојката. Организаторите на наддавањето потсетија дека ова е најстарата хуманитарна аукција на вино во светот. Основана е 1859 година и речиси секоја година се нудат над 500 видови вино. На 161-то наддавање годинава, поради неповолните временски услови, винарите учествуваа со само 349 буриња, додека лани бројката достигна 630 буриња.

„Нов рекорд на аукцијата за ’Претседателското буре‘ (приходите ќе одат во добротворни цели) – одбраното вино беше продадено за 800.000 евра по 15-минутна битка на наддавањето“, објави аукциската куќа на Твитер.

Уникатноста на серијата лежи во тоа што виното се точи во специјално буре од бургундиски даб од највисок квалитет, со волумен од 228 литри, дизајнирано од мајсторот Франсоа Фрер. Во 2020 година „Претседателското буре“ беше продадено за 780.000 евра.

Трендинг

Exit mobile version