Џебниот часовник на патничка од „Титаник“ оди на аукција, се очекува да достигне 80.000 долари
Повеќе од еден век по трагедијата на „Титаник“, личен предмет на една од патничките кои го загубиле животот во потонувањето на бродот ќе биде понуден на аукција во Обединетото Кралство. Станува збор за џебен часовник што ѝ припаѓал на Мери Манган, а неговата вредност се проценува на речиси 80.000 долари.
Манган имала 32 години и патувала во трета класа на „Титаник“, кој потонал во април 1912 година, при што загинале околу 1.500 луѓе. Таа била родена во Ирска и патувала со група жители од округот Мајо, позната како „Адергул 14“.
Манган претходно се преселила во Соединетите Американски Држави, но на почетокот на 1912 година се вратила во Ирска за да го посети семејството. На „Титаник“ се качила во Квинстаун, денешен Коб, во јужниот дел на земјата.
Џебниот часовник, изработен од жолт метал и со врежани иницијали „ММ“, е силно кородиран поради долгогодишниот престој во водите на Северниот Атлантик.
Телото на Манган било извлечено од бродот за поставување кабли „CS Mackay-Bennett“, а на 22 април 1912 година било погребано во морето. Часовникот бил пронајден кај неа и, заедно со другите лични предмети, му бил вратен на семејството.
Во изминатите неколку недели часовникот бил изложен во туристичката атракција „Titanic Belfast“ во Белфаст, Северна Ирска, како дел од збирка посветена на Манган.
На барање на семејството, аукциската куќа „Henry Aldridge & Son“ ќе го понуди на продажба на 21 ноември во Девајзис, во англиската област Вилтшир.