Европската Унија наскоро ќе дозволи продажба на скакулци, штурци и ларви за човечка исхрана низ целиот континент, пренесува „Брејтбарт“.
Европската Агенција за безбедност на храната се очекува да ја објави одлуката во текот на следните неколку недели, додавајќи ги инсектите во класификацијата „нова храна“, што ќе овозможи масовно производство на прехранбени производи засновани на инсекти, до есен.
„Големи се шансите да се даде зелено светло во наредните недели. Сметаме дека овие овластувања ќе бидат успех за овој сектор, така што нестрпливо ги очекуваме. Веруваме дека откако првата ‘нова храна’ ќе добие зелено светло од ЕФСА, ефектот ќе биде како лавина “, рече генералниот секретар на Меѓународната платформа за храна и добиточна храна од инсекти, Криштоф Дериен за „Гардијан“.
Во 1997 година, ЕУ донесе закон со кој се бара класификацијата „нова храна“ за производи за кои нема историја дека биле консумирани како храна од Европејците.
Велика Британија, Белгија, Финска, Данска и Холандија одлучија дека законот не се однесува на животните и продолжија да дозволуваат продажба на инсекти како сточна храна. Земјите како Франција, Шпанија и Италија решија да ја забранат продажбата на инсекти како храна како резултат на законот.
Активистите за климатски промени долго време го сметаат јадењето инсекти како можна замена за месото, за кое тврдат дека негативно влијае на животната средина. Експертите од индустријата се надеваат дека со ублажување на ограничувањата ќе се отворат можности на пазарот за бизнисите со инсекти, па компаниите во Шпанија, Франција и Швајцарија би го зголемиле производството.
„Очекуваме дека следните неколку години ќе бидат многу интересни и очигледно дека новите одобрувања за „нова храна“ дефинитивно ќе помогнат. Понудата се движи од цели инсекти како предјадење или како грицки до преработени инсекти во барови или тестенини и бургери направени од инсекти“, рече Дериен.