Европската комисија покрена истрага против четботот за вештачка интелигенција „Грок“, развиен во рамки на платформата X, сопственост на Илон Маск, поради сомнежи за генерирање и ширење експлицитни содржини, вклучително и незаконски слики.Ова денеска го соопшти европратеничката Реџина Дохерти од Ирска, која во писмена изјава наведе дека истрагата ќе утврдува дали платформата X ги исполнила своите обврски согласно дигиталното законодавство на Европската унија. Посебен акцент ќе биде ставен на мерките за ублажување на ризици, управување со содржини и заштита на основните човекови права.Според Дохерти, случајот отвора сериозни прашања за тоа дали големите онлајн платформи навремено и соодветно ги проценуваат ризиците поврзани со примената на вештачката интелигенција и дали преземаат доволни мерки за спречување на ширење незаконска и штетна содржина.Европската комисија претходно информираше дека на платформата X биле споделувани слики на голи жени и деца генерирани со помош на вештачка интелигенција, оценувајќи ги како незаконски и длабоко вознемирувачки. Според европратеничката, овие случаи укажуваат на слабости во регулативата и практичната примена на правилата за новите технологии.„Европската унија има јасни правила за заштита на граѓаните на интернет. Тие правила мора да имаат реално значење во пракса, особено кога моќни технологии се применуваат во голем обем. Ниту една компанија што работи во ЕУ не е над законот“, порача Дохерти.Истрагата е дел од пошироките напори на Европската унија за построга контрола и одговорност на дигиталните платформи при користењето на вештачката интелигенција.
