Едно ненадејно предомислување му донело богатство од 120 милиони евра на 35-годишен жител на околината на германскиот град Диселдорф. Иако првично немал намера да учествува во извлекувањето на „Евроџекпот“, во последен момент решил да уплати ливче и станал единствениот добитник на најголемата можна награда, пренесува ДПА.
Среќниот добитник, кој живее во округот Метман, за ливчето платил 36,80 евра. Според онлајн-лотаријата „Лото24“, тој ги одиграл истите броеви како на претходното петочно извлекување, кога освоил само десет евра. Овојпат, сепак, немал првична намера повторно да игра, но на крајот се премислил.
За огромната добивка дознал преку известување од апликацијата на својот телефон. Кога кратко потоа му се јавил и вработен во „Лото24“, возбудата била толку голема што останал без зборови.
Парите треба да му бидат префрлени на банкарската сметка во текот на следните неколку недели. Од лотаријата објаснуваат дека исплатата на толку голема сума бара внимателна подготовка и координација со банката.
Колкава е добивката покажува и пресметката на „Лото24“: доколку 120-те милиони евра би му биле исплатени во банкноти од по 100 евра, парите не би можеле да се сместат ниту во 24 куфери.
Првиот совет што го добил новиот милионер бил внимателно да размисли кому ќе му ја соопшти веста за добивката, а потоа да побара помош од финансиски советник.
На истото извлекување, уште седуммина играчи освоиле по речиси три милиони евра.