Американскиот милијардер и претприемач Илон Маск донесе одлука да ги спои својата вселенска компанија SpaceX и фирмата за вештачка интелигенција xAI, во трансакција со која новоформираната компанија се проценува на дури 1,25 билиони американски долари. Станува збор за едно од најголемите корпоративни спојувања во историјата на приватниот сектор, со кое Маск дополнително ја зацврстува својата амбиција за доминација во областите на вештачката интелигенција и вселенските технологии.Акувизицијата на xAI е потврдена во соопштение објавено на официјалната интернет-страница на SpaceX, потпишано лично од Маск, со што се потврдија претходните информации во медиумите. Според извори запознаени со договорот, SpaceX е вреднуван на околу еден билион долари, додека вредноста на xAI е проценета на 250 милијарди долари. Вработените во компаниите биле информирани преку интерен допис, во кој е наведено дека трансакцијата се реализира исклучиво преку размена на акции, со очекувана вредност од 526,59 долари по акција.Во соопштението се наведува дека целта на спојувањето е создавање на, како што се наведува, најамбициозниот вертикално интегриран иновациски систем на Земјата и надвор од неа, кој ќе ги обедини вештачката интелигенција, ракетните технологии, вселенскиот интернет, директната мобилна комуникација и глобалната платформа за размена на информации во реално време. И покрај спојувањето, SpaceX и натаму планира иницијална јавна понуда на акции подоцна оваа година, за која претходно се проценуваше дека би можела да донесе до 50 милијарди долари, што би било најголемо излегување на берза во историјата.Објаснувајќи ја стратешката логика зад ваквиот потег, Маск изјавил дека во период од две до три години најевтиниот начин за извршување на компјутерски операции за вештачка интелигенција ќе биде токму во вселената. Според него, тоа би овозможило побрзо тренирање на напредни AI-модели и обработка на огромни количини податоци, со потенцијал за значајни научни и технолошки пробиви.Во таа насока, SpaceX поднел барање за одобрување на лансирање до еден милион сателити во Земјината орбита. Компанијата веќе остварува значителни приходи преку сателитската мрежа Starlink, која брои повеќе од 9.000 активни сателити и, според достапните податоци, веќе носи поголем приход од лансирањата на ракети.Спојувањето дополнително ги испреплетува бројните деловни потфати на Маск. По преземањето на Твитер во 2022 година и неговото преименување во X, платформата беше интегрирана со xAI во зделка вредна 33 милијарди долари. xAI, кој го развива чет-ботот Grok, според проценките троши околу една милијарда долари месечно, што го прави еден од најкапитално интензивните проекти во технолошкиот сектор.За разлика од некои други иницијативи на Маск, SpaceX се смета за негов најуспешен и најстабилен бизнис. Компанијата е единствената американска фирма што рутински транспортира астронаути до Меѓународната вселенска станица и назад, а воедно е и клучен партнер на НАСА и на американското Министерство за одбрана, што дополнително ја зацврстува нејзината позиција како столб на идните вселенски и технолошки амбиции на Маск.
