Медиасет.мк

Медиасет

Истражување: Несоницата може да ја зголеми биолошката возраст на мозокот

Новo истражување објавено во британското медицинско списание „Лансет“ открива дека недостатокот на квалитетен сон може значително да го забрза стареењето на мозокот и да има сериозни последици по менталното здравје.Научниците анализирале податоци од повеќе од 27.000 возрасни лица на возраст меѓу 40 и 70 години, користејќи магнетна резонанца и вештачка интелигенција за да ја проценат биолошката старост на нивниот мозок.Резултатите покажале дека луѓето кои страдаат од несоница, хрчење или имаат неправилен ритам и траење на спиењето, имаат мозок што изгледа речиси една година постаро од нивната вистинска возраст. „Староста на мозокот која ја надминува биолошката возраст може да биде показател за оддалечување од здравото стареење“, наведуваат истражувачите.Претходните студии веќе покажале дека „постар мозок“ е поврзан со побрзо когнитивно опаѓање, зголемен ризик од деменција и пократок животен век. Новиот тим научници дополнително открил дека воспалителните процеси во телото може да играат важна улога — лошиот сон ја зголемува воспаленоста во организмот, што пак доведува до оштетување на крвните садови и мозочните клетки.Иако процесот на стареење на мозокот не може целосно да се запре, експертите нагласуваат дека здравите навики на спиење можат значително да го забават. Тие препорачуваат редовен распоред на спиење, ограничување на кофеинот и алкохолот, избегнување на екрани пред легнување и создавање мирна и затемнета средина за одмор.

На почеток
error: