Маслиновото масло е неизоставен дел од медитеранската исхрана и се смета за една од најздравите растителни масти, благодарение на антиоксидансите и поволното влијание врз здравјето на срцето и крвните садови. Се користи за подготовка на различни јадења, од салати и главни оброци до десерти. Но, иако неговата употреба изгледа едноставна, шпанскиот кардиолог Аурелио Рохас предупредува на честа грешка поради која маслиновото масло може да изгуби дел од своите корисни својства.
Рохас предупредува дека многумина грешат кога шишето со маслиново масло го чуваат веднаш до шпоретот или плочата за готвење.
„Ако го чувате маслиновото масло на овој начин, жал ми е што морам да ви го кажам тоа, но грешите. Маслиновото масло е вистинско течно злато за нашето срце, па нема многу смисла да купувате квалитетно масло, а потоа да ја правите оваа грешка“, порачал кардиологот во видео објавено на Инстаграм.
Тој објаснува дека изложеноста на топлина, светлина и кислород ја поттикнува оксидацијата на маслото, поради што тоа постепено губи дел од своите корисни својства.
„Поради тоа, неговите биоактивни соединенија се разградуваат“, предупредил Рохас.
Решението е едноставно. По употребата, шишето со маслиново масло треба да се тргне, наместо да остане покрај шпоретот.
Најдобро е да се чува на темно, посвежо и суво место, подалеку од извори на топлина и директна сончева светлина. Важно е и шишето да биде добро затворено, за маслото што помалку да биде изложено на кислород.
Кардиологот предупредува и на уште една честа заблуда – дека екстра девственото маслиново масло треба да се користи исклучиво без термичка обработка.
Во описот на видеото тој истакнал дека екстра девственото маслиново масло е погодно и за готвење. Благодарение на високата содржина на олеинска киселина и присуството на антиоксиданси, тоа е релативно стабилно при загревање.
Сепак, важно е да не се претерува со температурата. Маслото не треба да се загрева до степен да почне да чади, а треба да се избегнува и неговото повеќекратно загревање, бидејќи така се забрзува разградувањето на корисните соединенија, вклучително и полифенолите.
Рохас потсетува и дека, и покрај бројните здравствени придобивки, маслиновото масло е калорично. Една супена лажица содржи приближно 120 калории, па затоа треба да се внимава и на количината што се користи.
„Не треба да се плашиме од него, ниту да го претвораме во чудотворна намирница. Едноставно, треба да научиме како правилно да го користиме“, заклучил кардиологот во описот на објавата.