Медиасет.мк

Медиасет

„Kиненова“ на 15 октомври повторно сите светла ги вперува во македонската филмска продукција: Фестивалот ќе започне со македонската премиера на „Јон Вардар против галаксијата“

Свеченото отворање на годинешното издание на МФФ Киненова, на 15 октомври ќе биде во знакот на македонскиот филм.

– Оваа година повторно сите светла ќе ги впериме во македонската филмска продукција и недвосмислено ќе придонесеме кон афирмација и меѓународна промоција на македонскиот филм. Овогодинешното фестивалско издание на МФФ КИНЕНОВА 2024 ќе биде отворено со првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, на нашиот драг колега и посветен режисер, Гоце Цветановски, вели Небојша Јовановиќ, директор на фестивалот.

Фестивалот ќе започне со македонската премиера на „Јон Вардар против Галаксијата“, филм кој е во исто време дел од главната натпреварувачка програма.

Јон е потпросечно интелигентен човек од Земјата. Зарк е нарцисоиден мегаломан – робот кој патува низ вселената и собира примероци за својата интергалактичка Зоолошка градина. Кога двајцата ќе се спојат, нормално е да настане хаос. Двајцата ќе мора да здружат сили за да го заштитат најопасното оружје во Галаксијата да не падне во погрешни раце. Необичното дуо ќе тргне на вселенско патување исполнето со вонземјани, чудовишта, црни дупки, и можен крај на севкупната егзистенција. Научнофантастична пародија со балкански шмек со супер-јунакот Јон Вардар е интергалактичка комедија за целото семејство.

Улоги: Жарко Димоски, Дамјан Цветановски, Емилија Мицевска

Се работи за анимирана интергалактичка авантура која во исто време е алегорија за актуелните случувања во човештвото и нашата природа како и луди методи на решавање на проблемите, анимирана луда црна комедија која нема да можете да ја заборавите никогаш.
Гоце Цветановски е македонски наградуван режисер и продуцент. Студирал на филмски студии во Париз, Франција, каде што живеел 17 години. Покрај неговите филмски активности, тој има работено и на различни комерцијални проекти за клиенти како што се Faith No More, Ed Sheeran, Samsung и Alcatel. Тој е ко-основач на компанијата за издавање стрипови „Komic Brew“ со седиште во Шкотска, Велика Британија. Во 2015 година се враќа да живее и работи во Македонија како креативен директор на Lynx Animation Studios. Гоце стана првиот македонски автор кој се споменува во магазинот „Ролинг Стоун“ како режисер на спотот на Faith No More „Cone of Shame“. Работел на проекти за различни музички ѕвезди, вклучувајќи ја и анимираната верзија на хитот на Ед Ширан „Лоши навики“.

„Јон Вардар против Галаксијата“, неговиот втор филм, е првиот долгометражен анимиран филм во Македонија и најголемиот копродукциски проект за анимација на Балканот во кој учествуваат: Македонија, Унгарија, Бугарија и Хрватска.

На почеток
error: