Кит белуга, кој беше забележан во норвешките води пред пет години и за кој постои сомневање дека е руски шпион, е пронајден мртов, објави непрофитната организација која го следеше китот.
Телото на Хвалдимир, чие име е комбинација од норвешкиот збор за кит и името на рускиот претседател Владимир Путин, го забележале татко и син кои ловеле риба во јужна Норвешка за време на викендот, објави норвешката јавна телевизија НРК.
„Хвалдимир не беше само кит белуга, тој беше светилник на надежта, симбол на поврзување и потсетник на длабоката поврзаност меѓу луѓето и природниот свет“, објави невладината организација Marine Mind на социјалните мрежи.
Кога за прв пат беше забележан во 2019 година во близина на островот Ингоја во северна Норвешка, на околу 300 километри од морската граница со Русија, китот носел појас со држач за мала камера. „Опрема Санкт Петербург“ била испечатена на појасот на англиски јазик.
Китот бил многу заинтересиран за луѓето и реагирал на гестови, што ја навело норвешката разузнавачка агенција да претпостави дека бил во заробеништво во Русија како дел од истражувачка програма пред да премине во норвешките води.
Москва никогаш не одговори на обвинувањата за Хвалдимир.