Американската реалити-ѕвезда Клои Кардашијан откри какви особини сака да има нејзиниот иден партнер, а меѓу условите се најдоа и прифаќањето на естетските зафати и поддршката за нејзиниот изглед.
Во новата епизода на реалити-шоуто „The Kardashians“, емитувана на 29 октомври, 42-годишната Клои заедно со сестра ѝ Ким составувала список со особини што ги бара кај идниот партнер. Идејата дошла од нејзината терапевтка.
„Само нека биде отворен за естетски зафати и нека не ме осудува за она што мислам дека треба да го направам“, рекла Клои. Ким потоа запишала дека идниот партнер мора да ги прифаќа пластичните операции, со што Клои се согласила.
Таа додала дека сака маж кој е верник и успешен во својата професија. „Не сум јас ничија спонзоруша“, се пошегувала ѕвездата, откривајќи и дека не сака партнер со микропенис.
Клои нагласила дека најважно ѝ е партнерот да ѝ биде најголема поддршка, да ја прифаќа нејзината личност и да не се обидува да ја менува. Исто така, сака тој да ги сака нејзините деца, да им биде добар пример и да не лаже или изневерува. Со доза хумор додала дека единствениот вид „тежок багаж“ што го прифаќа е дизајнерскиот: „Ако е Луј Витон, може!“
Клои претходно беше во брак со Ламар Одом, од 2009 до 2016 година, а со поранешниот партнер Тристан Томпсон има две деца – ќерката Тру и синот Тејтум. Во 2024 година таа изјави дека денес имаат добар однос и дека, иако не им било судено да останат заедно, му било судено да биде татко на нивните деца.
Во април 2025 година, Клои зборуваше и за можноста да го прошири семејството. Таа рече дека не ја исклучува таа можност доколку се омажи, но нагласи дека не сака само уште деца, туку и партнер со кого ќе го споделува животот. Тогаш потврди дека не е во врска.