Храбрата мачка наводно исчезнала пред неколку дена, но всушност третпат се упатила кон врвот на планината и на ист начин ги следела претходните групи планинари.
Двајца млади планинари, Сирил и Ерик Рорер, се искачувале кон врвот на завеаната планина Бритсен во Швајцарија кога на надморска височина од речиси 1.200 метри слушнале мјаукање и сфатиле дека има една изгубена мачка.
Изгледало дека залутала и случајно завршила на снежните падини на планината, пишува „Дејли мејл“. Сирил и Ерик подоцна дознале дека мачката исчезнала пред неколку дена и дека ова е третпат да се упати кон врвот на планината следејќи ги претходните групи планинари на ист начин.
„Беше 4.30 часот наутро, достигнавме 1.200 метри надморска височина, кога слушнавме мјаукање од шумата. Видовме исплашена и збунета мачка, која ни се придружи и се искачи со нас на врвот од 3.000 метри“, рекоа младите планинари.
„Таа трепереше, а шепите ѝ крвавеа од одење по тврдиот и заледен снег. Одлучивме да ја земеме со нас. Честопати ја носевме во рацете кога ќе забележавме дека е премногу истоштена за да продолжи да оди по угорницата“.
Друга група планинари, кои ги престигнале на искачувањето кон врвот, ја вратиле во низините и им ја предале на сопствениците.
„Подоцна дознавме дека таа исчезнала пред четири дена и ги следела другите планинари до самиот врв. Значи, таа го достигнала врвот три пати!“, рече Сирил додавајќи дека животните се многу пожилави од луѓето и никогаш не се предаваат и покрај болката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.