Компјутерите со 8 GB RAM меморија би требало да понудат значително подобри перформанси со најновите оптимизации на Windows 11, соопшти „Мајкрософт“. Според компанијата, подобрувањата се забележуваат при секојдневната работа, отворањето на апликации и истовременото користење на повеќе програми.
Од компанијата наведуваат дека компјутерите со 8 GB RAM имаат до 20 отсто подобра одзивност, додека работата со повеќе апликации истовремено може да биде до 40 отсто побрза. Системот сега може да задржи до два гигабајти повеќе активни податоци во меморијата, наместо да ги префрла на побавното складиште.
Подобрувањата се однесуваат и на отворањето на менито Start, File Explorer и Settings, како и на пребарувањето и другите секојдневни операции. Апликации како Edge може да се отвораат до 33 отсто побрзо, а режимот Efficiency Mode во Microsoft Teams е стандардно активиран на уредите со 8 GB RAM.
Мајкрософт посочува дека апликациите Word, PowerPoint, Excel и Outlook сега користат до 360 MB помалку меморија. Дополнително, неактивните јазичиња во прелистувачот автоматски преминуваат во режим на мирување по 15 минути, додека виџетите се вчитуваат само кога корисникот ќе ги отвори.
Иако компанијата и понатаму препорачува најмалку 16 GB RAM за корисниците кои работат со графички и други посложени програми, новите оптимизации треба да овозможат поефикасна работа и на поскромните конфигурации.
За да бидат достапни подобрувањата, компјутерот треба да користи Windows 11, верзија 26H2, со верзија на изработка 26300.9818 или понова. Се препорачува и редовно ажурирање на апликациите, бидејќи дел од оптимизациите се испорачуваат преку нив.