Сите ја прават истата грешка со лозинките: Проверете колку е безбедна вашата
Користењето едноставни или повторени лозинки и понатаму е една од најчестите грешки што ја загрозуваат безбедноста на интернет. За да ги заштитите своите сметки од хакерски напади, важно е да знаете како да создадете силна лозинка и да проверите колку е отпорна на обиди за пробивање.
Добрата лозинка треба да содржи најмалку 12 знаци, комбинација од големи и мали букви, броеви и симболи. Притоа, буквите не треба да формираат препознатлив збор или нешто што може да се поврзе со вас, како презиме. Треба да се избегнуваат и низи од знаци на тастатурата, како „QWERTY“, редослед на букви или повторување на исти броеви и букви.
Јачината на лозинката може да се провери преку бесплатната алатка на веб-страницата Security.org, која проценува колку време би му било потребно на компјутер да ја пробие. Сепак, при користење на вакви алатки, најбезбедно е да не внесувате лозинка што навистина ја користите, туку пример со слични карактеристики.
Дополнителна заштита нудат и менаџерите за лозинки, кои можат автоматски да создаваат сложени комбинации и безбедно да ги чуваат. Меѓу нив се Passwords на Apple и услугите 1Password и LastPass. За уште повисоко ниво на заштита може да се користат и апликации за двофакторска автентикација, како Google Authenticator, кои генерираат привремени шестцифрени кодови при најавување.
Каде што се достапни, вреди да се користат и пристапни клучеви (passkeys), кои се потврдуваат со отпечаток од прст, препознавање на лицето или PIN-код.
Едно од најважните правила е секоја сметка да има различна лозинка. Дури и најсложената лозинка може да стане ризик ако се користи на повеќе места, бидејќи при протекување на податоци од една услуга може да бидат загрозени и останатите сметки.
Во текстот се препорачува лозинките да се менуваат на секои 60 до 90 дена, како и веднаш по објавено протекување на податоци.