(Видео) Пред 34 години беше претставен првиот паметен телефон во светот – 13 години пред „Ајфон“
На денешен ден, 23 ноември 1992 година, на саемот COMDEX во Лас Вегас, САД, компанијата IBM за првпат го претставила прототипот на уредот „IBM Simon Personal Communicator“, кој денес се смета за првиот вистински паметен телефон во светот – дури 13 години пред појавата на „Ајфон“.
Уредот не бил обичен мобилен телефон. Во едно преносно решение ги обединил телефонските функции, електронската пошта, факсот, календарот, адресарот и можностите на личниот дигитален помошник. Имал и екран на допир, што во тоа време претставувало вистинска технолошка новина.
Развојот започнал во 1992 година, во рамките на заеднички проект на IBM и BellSouth, под кодното име „Angler“. Целта била да се спојат мобилниот телефон и личниот дигитален помошник во еден уред. На неговиот дизајн работел тим на IBM, во кој бил и Френк Канова.
„IBM Simon“ имал црно-бел екран на допир од 4,5 инчи, а со него можело да се управува со прст или со посебно пенкало. Тежел околу половина килограм и бил долг приближно 20 сантиметри. Меѓу вградените функции биле калкулатор, светски часовник, бележник, календар, адресар, електронска пошта и испраќање факсови. Поддржувал и дополнителни апликации преку PCMCIA-картички.
Во продажба во САД пристигнал на 16 август 1994 година, по цена од 1.099 долари со двегодишен договор со операторот BellSouth. Се проценува дека биле продадени околу 50.000 примероци.
И покрај напредните можности, уредот не доживеал комерцијален успех. Големите димензии, високата цена и батеријата со ограничено траење придонеле производството да биде прекинато на почетокот на 1995 година.
Сепак, „IBM Simon“ оставил значајна трага во историјата на технологијата. Неговите функции подоцна се појавиле кај уредите како „Nokia 9000 Communicator“ и „Palm Treo“, а по претставувањето на „Ајфон“ во 2007 година повторно се актуелизирало неговото значење како претходник на денешните паметни телефони.