Маск предупредува: Индустријата за вештачка интелигенција ја чека огромен недостиг од пари во 2027 година
Индустријата за вештачка интелигенција би можела да се соочи со сериозен недостиг од готовина во 2027 година, предупреди милијардерот Илон Маск, посочувајќи дека огромните вложувања во центри за податоци и компјутерска инфраструктура носат и големи финансиски ризици.
Извршниот директор на „xAI“ објасни дека проблемот не е само во набавката на скапи чипови и изградбата на објекти, туку и во нивното навремено ставање во функција за да почнат да носат приходи.
Во објава на платформата Икс, Маск предупреди дека дури и неколкумесечно доцнење меѓу плаќањето на инфраструктурата и нејзиното комерцијално активирање би можело да создаде потреба од стотици милијарди долари дополнителен обртен капитал.
„Недостигот од готовина следната година ќе биде навистина огромен“, напиша Маск, додавајќи дека активирањето, ладењето и обезбедувањето на сигурно функционирање на толкав компјутерски капацитет се исклучително тешки.
Тој го отвори и прашањето од каде би ги обезбедиле компаниите дополнителните средства потребни за финансирање на инфраструктурата додека таа сè уште не генерира приходи.