Медиасет.мк

Медиасет

Најпроблематичната делегација на ОИ пристигна во Париз

Израелската олимписка делегација со големи безбедносни мерки отпатува за Париз, каде во петок ќе бидат отворени Олимписките игри.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин изјави дека израелските спортисти ќе бидат заштитени деноноќно за време на Игрите, 52 години по масакрот на Олимпијадата во Минхен, во кој палестинските милитанти убија 11 Израелци.

„Во име на Франција сакам да и кажам на израелската делегација дека ви посакуваме добредојде на овие Олимписки игри“, рече министерот за надворешни работи Стефан Сејурне на средбата со колегите од Европската унија во Брисел.

Меѓутоа, поради израелската воена акција во Појасот Газа, која резултираше со смрт на десетици илјади Палестинци, ултралевичарскиот пратеник во парламентот Том Порт изјави дека израелските спортисти не се добредојдени во Франција.

Израел е обвинет и за кршење на традиционалното олимписко примирје, додека партискиот колега на Порте, Мануел Бомпарт напиша дека израелските спортисти ќе мора да настапуваат без национални симболи поради интервенцијата во Газа.
Се огласи и Палестинскиот олимписки комитет кој официјално побара од МОК веднаш да го исклучи Израел од Олимписките игри во Париз, особено имајќи предвид дека Израел го прекрши прогласениот олимписки прекин на огнот со бомбардирање.

За потсетување, игрите почнуваат во петок со свечено отворање покрај Сена со спортисти кои ќе се возат на чамци, а се уште не е познато дали ќе учествуваат израелски натпреварувачи бидејќи учеството не е задолжително.

Трендинг

На почеток
error: