Нискобуџетните авиокомпании сè почесто ги преиспитуваат своите бази и ги преместуваат авионите од аеродроми каде што оперативните трошоци повеќе не им одговараат. Овој тренд е присутен и во Србија, каде што иднината на нискобуџетниот авиосообраќај повторно се поврзува со прашањето колку им е исплатливо на превозниците да ги одржуваат своите бази.
Во Европа веќе има повеќе примери за вакви промени. „Виз ер“ ја затвори базата во Виена, додека „Рајанер“ најави затворање на базата во Берлин, а претходно ги повлече базираните авиони и од Франкфурт, Диселдорф и Штутгарт.
Причините се различни, но еден фактор се повторува – трошоците. За нискобуџетните авиокомпании, аеродромските такси, земското опслужување, контролата на летањето и цената на горивото се дел од пресметката што одредува каде ќе бидат базирани авионите.
„Виз ер“ затворањето на базата во Виена го образложи со значителното зголемување на аеродромските такси, даноците и трошоците за земско опслужување. „Рајанер“, пак, при најавата за затворање на базата во Берлин соопшти дека седумте авиони ќе ги префрли на аеродроми со пониски трошоци.
Пошироката состојба во авионската индустрија дополнително го зголемува притисокот врз превозниците. Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА) во текот на 2026 година значително ја намали проценката за профитабилноста на секторот и предупреди дека глобалната нето-добивка на авиокомпаниите може да се намали од 45 милијарди долари во 2025 година на околу 23 милијарди долари во 2026 година.
Како еден од главните фактори се наведува растот на трошоците за гориво. Според проценките на ИАТА, просечната цена на авионското гориво во 2026 година би можела да достигне 152 долари за барел, во споредба со околу 90 долари една година претходно.
Притисокот врз профитабилноста се гледа и кај големите европски превозници. „Рајанер“ соопшти дека неговата добивка во првиот квартал од фискалната 2027 година паднала за 34 проценти, додека оперативните трошоци се зголемиле за 11 проценти. „Виз ер“, пак, во периодот од април до јуни 2026 година забележал нето-загуба од 198,2 милиони евра, наспроти профит од 38,4 милиони евра во истиот период претходната година.
Во такви услови, дури и релативно малите зголемувања на трошоците можат да влијаат врз одлуките за тоа каде ќе бидат базирани авионите и кои линии ќе останат активни.
Во Србија особено внимание привлекуваат два случаи. „Виз ер“ најави можност за повлекување на базните операции доколку не се промени регулаторната рамка, додека „Рајанер“ својата одлука за прекин на операциите ја поврза со прашањата околу снабдувањето со гориво.
Во исто време, на белградскиот аеродром се менуваат и дел од трошоците поврзани со работењето. Надоместокот за гориво во септември 2025 година бил зголемен од 4,9 на 5,1 долар за тон, додека за септември 2026 година е планирано ново зголемување на 5,3 долари.
Прашањето за снабдувањето со гориво дополнително е оптоварено со неизвесноста поврзана со санкциите кон НИС, компанија која има важна улога во снабдувањето со авионско гориво на аеродромите во Белград и Ниш.
Искуствата од другите европски пазари покажуваат дека нискобуџетните превозници се особено чувствителни на вкупната цена на работењето на еден аеродром. Оттука, останува прашањето дали повлекувањето или намалувањето на присуството на нискобуџетните авиокомпании од одреден пазар е последица на конкретна регулаторна одлука или на пошироката проценка на неговата конкурентност и исплатливост.