Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, е позитивен на корона. Позитивен е и тестот на неговата сопруга Јелена. Српскиот тенисер се тестираше вчера во Белград, откако претходно одби да направи тест во Хрватска, иако позитивни беа неколку тенисери со кои тој беше во контакт изминативе денови.
Ѓоковиќ претходните две недели беше организатор на тенискиот турнир „Адрија тур“, што се играше во Белград и во Задар. На турнирот настапи и Григор Димитров, кој во неделата откри дека има корона, а играл и покрај симптомите. По ова уште неколку тенисери, но и тениски работници и луѓе кои биле во контакт со тенисерите од турнирот се покажаа позитивни.
Светските медиуми деновиве постојано го критикуваа Ѓоковиќ, и поради организацијата на турнирот во време на пандемија, но и затоа што натпреварите се играаа пред публика. Дополнително, тенисерите за време на турнирот се сретнаа со многу обожаватели, а се организираа и забави со познати српски и хрватски музилари во популарни клубови.