Обележете го 13 декември во календарот – метеорски дожд ќе го осветли небото над Македонија
Ако планирате да набљудувате метеорски дожд во декември, вечерта на 13 декември би можела да биде најдобриот избор. Во Скопје Месечината ќе зајде во 20:01 часот, оставајќи доволно темно небо за набљудување на Геминидите со голо око, особено по полноќ.
Геминидите се појавуваат секоја година кога Земјата минува низ честички оставени зад астероидот Фаетон. Тие навлегуваат во атмосферата со брзина од околу 35 километри во секунда и оставаат светли траги на небото. Името го добиле по соѕвездието Близнаци, од каде што привидно изгледа дека потекнуваат метеорите.
Според НАСА, годинава под темно небо може да се забележат околу 40 до 50 метеори на час. За подобро набљудување се препорачува да се избере место подалеку од уличното осветлување, да се гледа кон најтемниот дел од небото и да се избегнува користење телефон. На очите им се потребни околу 30 минути за да се приспособат на темнината.
Доколку на 13 декември небото биде облачно, алтернатива е и следната вечер, 14 декември, кога Месечината во Скопје ќе зајде во 21:04 часот. Засилената активност на Геминидите трае повеќе часови.
Во втората половина од декември вниманието ќе биде насочено и кон Месечината. Првата четвртина настапува на 17 декември во 06:42 часот, додека астрономската зима започнува на 21 декември во 21:50 часот, со зимската краткоденица.
Последната полна Месечина во 2026 година ќе настапи на 24 декември во 02:28 часот. Сепак, ќе може да се набљудува и претходната вечер, на 23 декември, кога во Скопје ќе изгрее во 15:12 часот на североисток.