Шест утрински навики што можат да го зголемат холестеролот
Одредени утрински навики во исхраната можат да придонесат за зголемување на холестеролот и да влијаат врз здравјето на срцето. Диететичарки за магазинот „Хелт“ издвоиле шест чести грешки при појадокот што е добро да се избегнуваат.
Една од нив е недоволниот внес на растителни влакна. Овесните снегулки, јаболката, лененото семе и чиа-семето содржат растворливи влакна кои можат да помогнат во намалувањето на вкупниот и ЛДЛ-холестеролот.
Проблем може да биде и додавањето премногу шеќер во утринското кафе, особено преку засладени сирупи и додатоци. Исхраната богата со додаден шеќер се поврзува со повисоки триглицериди и пониско ниво на ХДЛ-холестерол.
Диететичарките предупредуваат и на честото консумирање преработено месо, како сланина и колбаси, кои можат да содржат многу заситени масти и сол. Како подобра замена ги посочуваат јајцата, јаткастите плодови, семките и грчкиот јогурт со помалку масти.
Меѓу навиките што треба да се променат се и честото јадење засладени житарки и печива, како и прекумерното консумирање бел леб и производи од бело брашно. Тие често содржат многу шеќер или рафинирани јаглехидрати, а малку влакна и белковини, што може да влијае врз нивото на триглицеридите и холестеролот.
Шестата навика е редовното прескокнување на појадокот. Одредени истражувања ја поврзуваат со повисоки нивоа на холестерол, а кај некои луѓе може да предизвика и поголем глад подоцна во текот на денот. За оние кои немаат апетит наутро, советот е да започнат со помали оброци.