Пожар го зафатил имотот на холивудската ѕвезда Вил Смит
Пожар избувнал на луксузниот имот на холивудскиот актер Вил Смит во Калабасас, Калифорнија, во САД. Огнот се појавил околу три часот наутро по локално време, по што на местото пристигнале противпожарни и други итни служби.
Според првичните информации, пожарот избувнал во помошен објект на имотот, кој се простира на околу 150 хектари. Од канцеларијата на шерифот на округот Лос Анџелес потврдиле дека огнот е изгаснат.
Засега нема информации за висината на материјалната штета, дали пожарот ја зафатил главната куќа и дали има повредени.
Имотот, кој Смит го дели со сопругата Џејда Пинкет Смит, се проценува на десетици милиони долари. Актерот го купил земјиштето во 2003 година, а изградбата на раскошната резиденција била завршена во 2010 година. Куќата располага со шест спални соби и 13 бањи, а во медиумите претходно се споменувала можноста за нејзина продажба за 42 милиони долари.
Ова не е првпат пожарникарите да интервенираат на имотот. Во септември 2021 година пожар избувнал во подрумскиот дел од куќата. Семејството тогаш не било повредено, но еден пожарникар побарал лекарска помош.
Причината за најновиот пожар засега не е соопштена.