Британската финтек компанија „Револут“ потврди дека чувствителни лични податоци на ограничен број нејзини корисници биле доставени до неовластено трето лице. До инцидентот дошло откако компанијата одговорила на лажни барања за информации испратени од легитимна електронска адреса на владина институција.
Според известувањето испратено до погодените корисници, меѓу компромитираните податоци биле идентитетот и контакт-информациите, вклучително и датум на раѓање, домашна адреса, електронска адреса и телефонски број. Можно е да биле изложени и копии од лични документи, како пасоши и возачки дозволи, како и селфи-фотографии за верификација, банкарски изводи и историја на трансакции.
Од „Револут“ за „ТекКранч“ потврдиле дека бил погоден „ограничен“ број корисници и дека компанијата директно ги контактирала. Не го откриле точниот број на погодени лица, ниту дали инцидентот е ограничен на одреден пазар. Не е соопштено ниту за која владина институција станува збор.
„Револут“ неодамна идентификуваше софистицирана надворешна измама со лажно претставување, при што неовластено трето лице користело легитимна електронска домена на владина институција за да испраќа лажни барања за информации“, изјавил портпарол на компанијата.
Компанијата соопштила дека спорната адреса била блокирана веднаш откако била откриена измамата, а за случајот биле известени владината институција, полицијата и регулаторните тела. Од „Револут“ нагласуваат дека нивните системи и средствата на корисниците не биле компромитирани.
Инцидентот се случува во период на брзо ширење на компанијата. „Револут“, со седиште во Лондон, наведува дека има повеќе од 80 милиони корисници ширум светот и работи како банка во повеќе од 30 земји.
Компанијата неодамна се прошири на пазарите во Индија, Мексико, Франција и Обединетите Арапски Емирати. Американската Канцеларија на контролорот на валутата претходно овој месец дала условно одобрение за основање национална банка во САД, која „Револут“ планира да ја започне со работа во првата половина на 2027 година.
Информациите за електронската порака што компанијата им ја испратила на корисниците биле објавени од истражувачот за криптобезбедност ЗакИксБТ. Според неговите наоди, можно е цел на нападот да биле корисници со висока нето-вредност на имотот.
Протекувањето на податоците се случува во период кога „Револут“, според неофицијални информации, разгледува можност за излегување на берза. Таквиот потег би можел да ја зголеми вредноста на компанијата на до 200 милијарди долари, во споредба со приватната проценка од 75 милијарди долари од ноември.