Рекламата со актерката Сидни Свини за спортската платформа „Новиг“ предизвика широка дебата за начинот на кој жените и женскиот спорт се претставуваат во маркетингот. За само два дена рекламата достигна повеќе од 22 милиони прегледи, но привлече и критики од повеќе спортистки.
Во рекламата Свини, која е и инвеститор и стратешки партнер на компанијата, е прикажана со малку облека, опкружена со спортски реквизити. Фудбалски топки, рекети и друга опрема се користат како дел од сценографијата, додека во пораката се нагласува нејзиниот изглед.
Токму начинот на кој спортот е поврзан со изгледот на актерката предизвика реакции кај жени кои професионално се занимаваат со спорт.
Британската олимписка шампионка во велосипедизам Софи Кејпвел постави прашање каков би бил светот доколку сексуализираното претставување не е еден од најчестите начини на кои жените се прикажуваат во спортот.
Рагби-играчката Ели Ботмен порача дека жените тренираат и работат за да постигнуваат резултати и дека не сакаат сексуализацијата да биде единствениот начин на кој општеството ги препознава.
Велшката рагбистка Гвен Краб, пак, потсети дека жените со години се борат за еднаквост, почитување и можности, како и за вреднување според своите способности.
Американската гимнастичарка Грејси Крамер објави снимки од своите спортски настапи со порака „Вака изгледа жена во спортот“. Нејзината објава собра повеќе од еден милион допаѓања.
Критиките кон рекламата во јавноста беа проследени и со реакции дека жените што ја оспоруваат кампањата наводно се љубоморни на Свини. Сепак, критичарките главно не го оспоруваат нејзиното право да го покаже своето тело, туку го проблематизираат изборот на компанијата спортот да го рекламира преку сексуализирана претстава на жена која не е професионална спортистка.
Свини на критиките одговори преку Инстаграм, објавувајќи фотографии од познати спортисти и спортистки кои во минатото позирале голи или полуголи за списанието „ESPN Body Issue“, меѓу кои и Серена Вилијамс и Каролин Вознијацки.
Со тоа таа посочи дека спојувањето на спортот и голотијата не е нова појава. Сепак, критичарите нагласуваат дека контекстот може да биде различен – едно е професионална спортистка да го претставува сопственото тело, физичката подготвеност и спортскиот пат, а друго е голотијата да биде главниот визуелен елемент во реклама за спортска платформа.
Дебатата повторно го отвори прашањето за начинот на кој рекламната индустрија го користи женското тело за привлекување внимание, особено кога производот директно не е поврзан со изгледот.
Самата Свини има право да учествува во ваква кампања и да одлучи како ќе биде претставена. Истовремено, јавноста и спортистките имаат право да ја критикуваат рекламата и пораката што според нив ја испраќа.
Во центарот на полемиката останува прашањето дали женскиот спорт треба да се промовира преку изгледот на жената или преку нејзините способности, резултати и постигнувања.