Младите сè повеќе ги менуваат навиките за следење медиумски содржини, а платформите како Јутјуб и ТикТок стануваат главни места за откривање приказни. Сепак, интересот за филмови, серии и видеоигри останува висок, а одењето во кино трета година по ред е омилена викенд-активност на младите, покажува извештајот „Teens and Screens“ за 2026 година.
Истражувањето го спровел Центарот за научници и раскажувачи при Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес (УЦЛА), анализирајќи ги медиумските навики на повеќе од 1.500 Американци на возраст од 10 до 24 години. Според резултатите, кратките видеа од околу 30 секунди имаат значајна вредност за младите, слично како и долгометражните филмови.
Јутјуб е омилена платформа за следење приказни за 72,9 отсто од испитаниците, додека ТикТок е водечката социјална мрежа со 64,2 отсто. Речиси четири од пет млади сметаат дека и кратките видеа можат да раскажат приказна. Телевизиските серии и филмовите имаат речиси еднаква популарност, со по околу 70 отсто, а видеоигрите ги избрале 68,5 отсто од испитаниците.
Слични се и податоците од Европа. Според Здружението на киноогласувачи, половина од посетителите на кината во Обединетото Кралство се помлади од 35 години, додека CineEurope наведува дека 47 отсто од младите дознаваат за нови филмови преку ТикТок.
Истражувањето покажува дека младите сакаат повеќе ликови и приказни со кои можат да се поистоветат. Дури 55 отсто од испитаниците сакаат да гледаат повеќе невродивергентни ликови, а процентот е уште поголем кај младите од ЛГБТКИА+ заедницата. Сепак, само 22,7 отсто сметаат дека невродивергентноста во медиумите најчесто е прикажана веродостојно.
Како пример за несоодветен приказ се наведува филмот „Music“ од 2021 година, во режија на пејачката Сија, во кој невротипична актерка толкува невербална аутистична личност.
Младите посакуваат и повеќе приказни исполнети со надеж и оптимизам, како и содржини што ги истакнуваат пријателствата и животот во заедница. Според резултатите, 52 отсто од испитаниците сметаат дека романтичните врски во медиумските приказни добиваат многу поголемо значење отколку во реалниот живот.
„Барањето за подобра застапеност на невродивергентните лица и пријателствата е само еден пример за пошироката потреба од поразновидни и поавтентични прикази“, изјави коавторката на истражувањето, Стефани Ривас-Лара.
Истражувањето ги опфатило и ставовите на младите кон вештачката интелигенција. Иако технологијата сè повеќе влијае врз медиумската содржина, испитаниците покажуваат поголема љубопитност отколку загриженост. За 28,2 отсто таа е „фасцинантна“, а 25,6 отсто велат дека се возбудени поради неа. Од друга страна, 22 отсто сметаат дека развојот води кон катастрофа, додека 10,1 отсто се плашат од технологијата. Најпозитивен став имаат најмладите, на возраст од 10 до 13 години, од кои 44,2 отсто ја опишуваат вештачката интелигенција како фасцинантна.
По падот на посетеноста на кината за време на пандемијата, во последните години се бележи стабилен раст. Младите бараат начини да се оддалечат од телефонските екрани, да поминуваат време со други луѓе и повторно да се поврзат со светот околу нив. Филмските хитови „Backrooms“ и „Obsession“, создадени од автори кои потекнуваат од Јутјуб, покажуваат дека публиката е заинтересирана за оригинални приказни што ги користат интернет-форматите и дигиталната култура.
„Се сменија оние што го контролираат пристапот до медиумите. Младите сега сами одлучуваат што сакаат да гледаат и какви содржини сакаат да има повеќе“, изјави Јалда Т. Улс, основачка и извршна директорка на Центарот за научници и раскажувачи и вонредна професорка на Одделот за психологија при УЦЛА.
Таа порача дека раководителите во забавната индустрија треба да ги слушаат младите, но и стручните лица што се грижат за нивниот развој и благосостојба, нагласувајќи дека тоа е клучно за создавање квалитетни содржини што ќе ја привлечат денешната млада публика.