Редовното консумирање кикиритки би можело да влијае врз начинот на кој мозокот реагира на инсулин, покажува ново истражување на научници од Универзитетот во Мастрихт во Холандија. Наодите отвораат можност за подобро разбирање на врската меѓу исхраната и здравјето на мозокот во подоцнежните години од животот.
Во истражувањето учествувало 31 лице со просечна возраст од 67 години. Учесниците во период од 16 недели секојдневно консумирале по 60 грама несолени, печени кикиритки со лушпа, а во друга фаза воопшто не јаделе кикиритки. Меѓу двете фази имало пауза од осум недели.
Со помош на магнетна резонанца, истражувачите ги следеле промените во мозочниот одговор на инсулин. Резултатите покажале промени во одредени региони на десната мозочна хемисфера, меѓу кои и хипокампусот, кој има важна улога во создавањето и присетувањето на спомените.
Кикиритките содржат незаситени масти, растителни протеини, влакна и полифеноли, особено во тенката црвеникава обвивка. Сепак, научниците сè уште не утврдиле која компонента е одговорна за забележаните промени.
Истражувачите нагласуваат дека студијата не докажува оти кикиритките спречуваат деменција или Алцхајмерова болест. Бидејќи истражувањето опфатило мал број учесници, потребни се дополнителни испитувања за да се потврдат резултатите.