#ТРЕНД

Слеп патник од Гватемала преживеал 2,5-часовен лет до Мајами сокриен зад тркалата на авионот

Објавено на

Слеп патник од Гватемала, сокриен во дел од опремата за слетување на авион на компанијата „Американ ерлајнс“, вчера преживеал 2,5 часовен лет до Мајами, каде што бил префрлен кај службениците за имиграција и пренесен во болница на преглед.

Американската Агенција за царина и гранична заштита го потврди инцидентот во изјава што првично беше емитувана на телевизиската станица WTVJ и со објавување на видео снимено на меѓународниот аеродром во Мајами, веднаш по слетувањето на авионот.

Видеото, што се виде на страница на социјалните мрежи „Only in Dade“ на Инстаграм, прикажува слеп патник кој изгледа зашеметено, но не е повреден, како седи на пистата до авионот – облечен во сини фармерки, маица, јакна и чизми, а е опкружен со персоналот на аеродромот, кој го прашува дали сака вода.

„Службениците на американската Агенција за царина и гранична заштита на меѓународниот аеродром во Мајами уапсија 26-годишен маж кој се криеше во делот на опремата за слетување, во авионот што пристигна од Гватемала во саботата наутро“, се наведува во соопштението.

Агенцијата додава дека „слепиот патник бил прегледан од персоналот на итната медицинска помош и однесен во болница на лекарски преглед“

„Американ ерлајнс“ издаде соопштение во кое се наведува дека нивниот авион од Гватемала Сити за Мајами пристигнал нешто по 10 часот по локално време и бил прегледан од полицијата за безбедносен проблем. Авио-компанијата не даде повеќе детали, освен што кажа дека помага во истрагата.

Мигрантите од Гватемала сочинуваат голем дел од околу 1,7 милиони мигранти кои минатата година беа уапсени или протерани од американските гранични агенти. Многумина од нив бегаат од Централна Америка од насилните банди и тешката сиромаштија.

Адвокатот за имиграција, Ангел Леал, за телевизијата WTVJ кажа дека Агенцијата ќе го задржи слепиот патник од Гватемала се додека не добие наредба за присилно напуштање на земјата.

Федералната управа за воздухопловство (ФАА) одби да даде коментар за инцидентот на аеродромот во Мајами. Според неа, од 1947 година досега 129 лица се обиделе да се сокријат во делот за тркала или други места на комерцијалните авиони низ светот. Од нив, додава агенцијата, 100 починале од повреди или изложеност на екстремен студ.

Трендинг

Exit mobile version