Компанијата „СпејсИкс“ објави дека ја купила xAI, со што се споени двете компании на милијардерот Илон Маск во, како што се наведува, највредната приватна компанија во светот.Маск во соопштение објавено на веб-страницата на „СпејсИкс“ наведе дека спојувањето претставува „следно поглавје“ во заедничката мисија на „СпејсИкс“ и xAI, пренесува Си-Ен-Ен.Аналитичарите оценуваат дека овој потег укажува на потребата на xAI за поголеми финансиски и компјутерски ресурси во сè поконкурентната област на вештачката интелигенција, како и на растечкото значење на оваа технологија за иднината на вселенските истражувања.Според податоците на истражувачката компанија „ПичБук“, вредноста на „СпејсИкс“ е проценета на 800 милијарди долари по секундарната продажба на акции во декември 2025 година, додека xAI е проценета на 230 милијарди долари по последната рунда финансирање во јануари.Маск наведе дека напредокот во вештачката интелигенција во моментов се потпира на големи центри за податоци на Земјата, кои бараат огромни количини енергија и ладење, и оцени дека „логично решение“ е преместување на таквите системи во вселената.„СпејсИкс“ минатата недела побара дозвола од Федералната комисија за комуникации за лансирање констелација од еден милион сателити, со цел создавање мрежа на центри за податоци напојувани со сончева енергија за потребите на вештачката интелигенција.Според проценките на Маск, вештачката интелигенција во рок од две до три години би можела најевтино да се развива токму во вселената.Во меѓувреме, растот на побарувачката за компјутерска моќ и енергија веќе поттикнува големи инвестиции на технолошките компании во инфраструктура, додека во одделни делови на САД се забележани значителни зголемувања на трошоците за електрична енергија во близина на дата-центри.xAI, која неодамна собра 20 милијарди долари од инвеститори, е и сопственик на социјалната мрежа X, чиј AI четбот Грок се соочи со критики поради проблематична содржина.И покрај тоа, интересот на инвеститорите за вештачката интелигенција останува силен, наведува Си-Ен-Ен.Меѓу „СпејсИкс“ и xAI и претходно постоеше значајна соработка и преклопување на кадри, иако некои поранешни вработени предупредуваа на можни културолошки разлики меѓу компаниите.Маск во декември ги потврди плановите за иницијална јавна понуда на акции на „СпејсИкс“, која, според наводите, би можела да биде меѓу најголемите во историјата и дополнително да ја зголеми неговата веќе огромна нето-вредност.
