Таткото на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, Срѓан Ѓоковиќ, изјави во јавноста дека главниот виновник за хаосот што се случи со заразувањето на тенисерите со коронавирусот е Бугаринот Григор Димитров. Срѓан вели дека Димитров бил првиот кој пријавил позитивен тест.
„Целиот овој хаос се случи затоа што Димитров дојде болен на турнирот. Тој им нанесе голема штета на Хрватите и на нас како семејство и на сите Срби. Никому не му е сеедно поради оваа ситуација, ниту на Ноле. Сега ни останува да излеземе само посилни од целата оваа работа“, изјавил Срѓан во интервју за „РТЛ“.
Тоа што требаше да претставува вистинска забава и тениско уживање за фановите на Балканот, на крајот се претвори во вистински корона-хаос, бидејќи турнејата „Адрија тур“, предводена и организирана од Новак Ѓоковиќ, доживеа вистински колапс со неколку заразени тенисери.
Еден од нив е и самиот Новак, кој вчера потврди дека има позитивен корона-тест заедно со неговата сопруга Јелена, по што два пати се извини во јавноста објаснувајќи дека немал лоша намера.
Ѓоковиќ ја призна грешката и објасни дека подраниле со турнирот. За разлика од него, неговиот татко Срѓан е познат по своите контроверзни изјави во јавноста за ривалите и противниците на неговиот син. Во тој контекст оди и последната изјава бидејќи тој на Григор Димитров гледа како главен виновник за целата ситуација (Бугаринот беше прв кој пријави позитивен тест).