Античкиот театар во Охрид синоќа беше преполн со емоции, смеа, солзи и аплаузи – сето тоа на концертот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе Бенд“. Во магичната атмосфера под отворено небо, џамбазовскиот дух и харизмата како да ја прегрнаа целата публика. Од шеги за охриѓани, до збор-два за битолчани, многу досетки.
Концертот започна нежно, со песни што ги носат сеќавањата, а кулминацијата стигна со изведбата на „Време за плачење“, која ја располави тишината на камените трибини. „Диши длабоко“ беше отпеана како молитва – искрена, болна, човечка. Секој стих, секој збор беше одраз на животот што Џамбазов го дели со народот.
Публиката имаше можност да ужива и во специјалните музички гости: Тамара Тодевска, која со својата моќна интерпретација внесе нова димензија на вечерта. Ја отпеаја „Гушни ме“, текст напишан од Џамбазов, а отпеана со незаборавениот Влатко Илиевски. На сцената излезе Пере од Нокаут, чие присуство донесе доза на носталгија, рок-енергија, па публиката направи ѕвездено небо за „Лебедот бел“.
Концертот беше повеќе од музички настан – беше интимно патување низ животот, времето и вредностите. Џамбазов уште еднаш покажа дека не е само актер, пејач или поет – тој е огледало на македонската душа.
На крајот, со раце кон небото и аплауз од срце, Охрид стоеше во чест на еден човек што отсекогаш стоел со народот – искрен, ранлив, свој.
