Бојан Јовановски-Боки 13 ја препеа „Само една песна таговна“ и го промовираше спотот кој го режирал Даниел Јовески. Песната ја посвети на мајка му Јасминка, која за првпат се појавува во спот на Боки 13, но и на неговиот татко кој вчеравечер беше на промоцијата во ресторан „Дион-Аеродром“.
„Вие не можете да замислите колкава е поддршката и колку е значајна, а без нејзината сила, не би стоел тука. Но покрај посветата на мојата мајка, тука е и мојот татко. Посветата е за мојата мајка и мојот татко“, рече Боки 13.
Посочи дека највеќе му значеле зборовите на авторот на песната, Миле Барбаровски.
„Оваа песна го одбележа целиот изминат период кој е зад мене. Некако, ја доживеав како еден вид растеретување. Кога му се јавив на Никола Мицевски дека сакам да го направам ова со него, ми рече: ‘Се е во ред, но треба да го прашаме авторот Миле Барбаровски’. И јас му реков дај ми го телефонот, ќе се јавам. Му реков: ‘Да ве замолам ако може да ја отпеам Само една песна таговна, многу ми е драга’. Миле Барбаровски уствари ми даде мене најголем поттик да ја отпеам оваа песна, ми го кажа следното: ‘Чим ти легнала при душа отпеј ја слободно. Ќе ми биде драго да ја отпееш на начин на кој умееш, сакаш’. Тој е маестрален, негова е ‘Завегна’, ‘Ако згрешам нека изгорам’. Му благодарам на Миле за поддршката, особено за човек кој повторно почнува, не од почеток, не од нула, туку од минус“, рече Јовановски-Боки 13.
Тој се осврна и на критиките дека се појавува јавно, снима песна и спот, а е на прекин на казна поради лошата здравствена состојба.
„Многумина ќе кажат како, оди, пее, се слика – тоа јас најдобро си го знам. За да и оваа песна ја издржам со вас, претходно имав тераписки третман, па дојдов, се спремив и изгледам вака како што изгледам. Бидејќи ова е мојата работа, а мојата работа е мојот живот“, додаде Боки 13 и рече: „Ќе замолам, бидејќи е непристојно било кој да коментира било чија здравствена состојба. Јас и на тие што ја коментираат негативно а и на сите луѓе ќе им посакам да имаат пред се и над се здравје. Без тоа џабе ни е се, ако немаме здравје“.
Боки 13 објавува нов спот по повеќе од една деценија, а е спонзориран од „Пелистерка“. Тој изминатите години ги помина во затвор како осуден за случајот „Рекет“. На промоцијата кажа дека за него ова е нов старт.