На аматерски фудбалски натпревар во Истанбул се случи редок и неочекуван инцидент кој привлече внимание на медиумите низ Турција, но и светот. За време на финалето на 1. Аматерска лига, голманот на Истанбул Јурдум Спор, Мухамед Ујаник, со топка удрил галеб кој летал над теренот, а птицата паднала на земја.Капитенот на тимот, Гани Чатан, веднаш притрчал и започнал со кардиопулмонална реанимација (CPR) на галебот. По две минути, птицата покажала знаци на живот, а потоа била предадена на медицинското лице присутно на натпреварот. Иако немал формално образование за прва помош, капитенот инстинктивно реагирал за да го спаси животот на птицата.Натпреварот бил кратко прекинат додека траела интервенцијата, а снимката и реакциите на учесниците брзо се прошириле на социјалните мрежи. По интервенцијата, утврдено е дека галебот имал повреда на крилото и моментално не може да лета, но е под лекарски надзор и во стабилна состојба.Голманот Ујаник признал дека во почетокот не сфатил што се случило, додека Чатан објаснил:„Веднаш сфатив дека птицата не дише и дека падна од ударот. Почнав со CPR и наскоро почна да се опоравува. Сакав да спасам живот. Немав формална обука, но инстинктот си го направи своето“.
