Воздухопловните такси во Дубаи ќе започнат со работа до првиот квартал на 2026 година.
Ова за РИА Новости го изјави Калед Ал Авади, директор на одделот за сообраќајна технологија при Управата за патишта и транспорт во Дубаи.
„Имаме план до првиот квартал на 2026 година да започнеме со авио такси услуга. Во моментов работиме на тестирање и сертифицирање на самото возило со нашите партнери од американската компанија Jobi Aviation. Исто така, ја започнуваме фазата на дизајнирање на станиците со Skyport, британска компанија која ќе развива хелиодроми“, рече тој.
Според него, во Дубаи се планира изградба на четири вертикални аеродроми за такси возила, од кои два ќе бидат претставени на почетокот на 2026 година.
„Со нашите партнери работиме оваа услуга да биде што подостапна и веруваме дека ќе биде многу поевтина од користење на конвенционални хеликоптери“, забележува соговорникот на руската агенција и напоменува дека цената на оваа услуга ќе биде поевтина или приближно исто како и цената за изнајмување лимузина.
Електричните воздушни такси, исто така, ќе бидат сто пати потивки од конвенционалните хеликоптери, додаде тој. Што се однесува до такси-автомобилите без возачи, кои се развиваат заедно со Џенерал Моторс, тие ќе започнат со работа во Дубаи веќе во 2025 година, а во моментов се тестираат.
„Планирано е до 2035 година сите такси возила во Дубаи да бидат електрични, а до 2050 година целиот возен парк да се состои само од електрични автобуси“, заклучува Ал Авади.