Нетфликс на 10 април го објави хорор-филмот „Thrash“, кој ја спојува катастрофата од ураган со напади од смртоносни морски ајкули, но првичната љубопитност брзо се претвори во лавина критики. Филмот, зад кој стои сценаристот и режисер Томи Виркола, во главните улоги ги носи Фиби Дајневор и Џимон Хонсу, а дел од гледачите уште по првото гледање го нарекоа „потполн бродолом“.Приказната почнува со ураган од шеста категорија што ја погодува крајбрежната зона, предизвикува катастрофални поплави и носи бик-ајкули во населени места. Во центарот се неколку ликови со различни трауми и мотиви: Лиса (Фиби Дајневор), бремена жена на прагот на породување; Дакота (Витни Пик), девојка што по смртта на мајка ѝ се соочува со агорафобија; и Дејл (Џимон Хонсу), експерт за ајкули кој се обидува да ја спаси својата внука.Како дополнителен „мамец“ за предаторите, во хаосот се случува судир на цистерна од погон за преработка на месо, по што крвта се излева во поплавените води и, според филмската логика, уште повеќе ги привлекува ајкулите. Иако премисата звучи како чист адреналин, реакциите сугерираат дека изведбата не ја следи идејата.Критиките се насочени кон тоа дека филмот нема доволно напнатост, дека монтажата делува исечкана, а продукцијата остава впечаток на „евтина“ телевизиска изработка наместо кино-наслов каков што првично бил планиран. Дел од рецензентите забележуваат и недоследни акценти кај претежно австралиската актерска екипа која толкува американски ликови, што дополнително ја руши уверливоста.Гледачите, пак, најчесто ги повторуваат истите замерки: дека филмот не успева да создаде вистинска тензија, дека визуелно делува конфузно и „студиски“, и дека настаните се редат без чувство за тежина и логично градење. Има и помеки оценки кои признаваат дека специјалните ефекти се солидни и дека има моменти што можеле да бидат основа за подобар филм, но според доминантниот впечаток – потенцијалот останал неискористен.
