Медиасет.мк

Медиасет

(Видео) Срца полни љубов, среќа и мир: улица Македонија беше преплавена од деца кои пееја „Вечниот бог“

Улица „Македонија“ денеска беше преплавена со коледари и млади деца кои ја пееја песната „Вечниот Бог“, движејќи се кон храмот „Св. Константин и Елена“ со божикни ѕвезди во рацете. Бадниковата поворка создаде празнична атмосфера, а граѓаните коментираа дека со радост и мир ги следат најмладите, кои и оваа година ја продолжуваат вековната традиција.Во рамки на Бадниковите поворки 2026, дел од учесниците претпладнево традиционално остварија свечена средба со Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во храмот беше одржана литургија на која симболично беше најавено Христовото раѓање, а децата ја испеаја коледарската песна „Вечниот Бог“, носејќи ја радосната божикна вест.Неговото Блаженство г.г. Стефан ги даруваше децата со архипастирски благослов и пригодни подароци, испраќајќи порака за верата, љубовта и духовната радост – вредности кои Бадниковите поворки ги негуваат и пренесуваат веќе 16 години.Според организаторите, оваа средба уште еднаш ја потврдила длабоката врска меѓу духовното наследство, народната традиција и новите генерации, нагласувајќи ја улогата на децата како носители на колективната меморија и празничниот дух.Посетата кај Архиепископот претставуваше духовен вовед во централната Бадникова манифестација, која денеска се одржува на Плоштад „Македонија“ во Скопје, како и во уште околу 80 градови и населени места низ земјава и во македонската дијаспора.Почетната точка на скопската поворка беше Музејот на Град Скопје, од каде што точно напладне тргна најголемата Бадникова поворка. Пред почетокот, на оваа локација бесплатно беа поделени божикни ѕвезди и уметнички магнети, како симболичен подарок за секое дете и семејство, во духот на заедништвото и празничната радост.

На почеток
error: