Со голем јубилеен настан во спортскиот центар „Борис Трајковски“, легендарната хумористична група „К-15“ го одбележа триесетгодишното постоење. Илјадници обожаватели, гласно смеење и аплаузи. Со Цацко, Миле Паника и Тошо Малерот, повозрасните генерации се вратија низ времето, а поновите генерации се потсетуваа и на култните скечеви кои се достапни и на јутуб.
Уште на самиот старт, цела публика се потсети на хитот „Градинарот цвеќето го расте“. Еден од првите скечеви беше посветен на играњето фудбал во канцеларија на Владата, каде Миле Паника е советник, но и на дриблањето на институциите кое го направи познат политичар кој сега веќе не е во Македонија. Низ скечот на фудбалот, Миле Паника би потсетил на уште еден политичар: „Ние намерно се враќаме да земеме залет, кога ќе скокнеме оп, директно во Брисел. А не како некои што прават со двоскок, Будимпешта, па Брисел“. Потоа, Миле Паника, како советник во Владата советува, дека за младите има два излези: првиот на аеродромот во Скопје, вториот во Охрид.
На сцената потоа се појавија Климе од Охрид и Номче од Струга. Потсетија на легендарните реплики, но скроија и нови специјално за јубилејот. Потоа, Климе ја изведе „Многу љубам да веслам“.
Во засебен скеч ги видовме Гоце Делчев, Никола Карев и Питу Гули, како во парна бања, инфлуенсерски го планираат Илинденското востание. Публиката занеме од смеа. Најголем инфлуенсер беше Јане Сандански. Следуваше и нов хит „Од економски причини“, кој го пееше цела публика.
Тошо Малерот одржа вообичаен час по мода, како пред 30 години.
„Нема ни концепт ни стил, не знаат да се облечат нити ништо. Јас бе кога ќе облечам бела панталона, бела чорапа, бела кондура, бела кошула, бело сако, бела кравата, кога ќе искочам во град, нема женска која не ми се свиња“, рече Тошо Малерот.
Гостин на концертот беше врвниот хармоникаш Мишел Трајковски, на скечот со Блажо и Ристо. Тема беа македонските песни.
Меѓу паузите, на екранот во салата беше емитувана сцената каде гостин во скечот е Андреј од ДНК, кој трагично го загуби животот во „Пулс“ и истата беше поздравена со аплауз.
Закажани се уште два настани, за денес и утре.
