Легендарниот Мишо Ковач (1941), кој на музичката сцена е повеќе од 50 години, повторно е актуелен.
Во издание на „Кроација рекордс“ неодамна беше објавена неговата ретроспективна „Антологија“, на шест компакт-диска. Вкупно 131 песна, одбрани лично од него, меѓу кои и песна на македонски.
Снимката „Калеш бре, Анѓо“, која Мишо на своја иницијатива ја сними во 2014, од заборавот ја спаси Зулфи Назифовски.
Мишо отсекогаш многу ја сакал оваа песна, како и целото македонско богато звучно културно наследство.
Назифовски, пак, е музички новинар, колекционер на винили и компакт-дискови, човек кој има голема музичка архива. По потекло е од Македонија, а живее во Словенија.
Шесткратното издание на компакт-дискот содржи исклучително богата придружна содржина, книгичка од 52 страници, во која се содржани ретки фотографии.
„Ако ме оставиш“, „Остала си увијек иста“, „Проплакат ќе зора“ се само некои. Заедно со „Сви пјевају, ја не чијем“, „Никога нисам волио тако“, па првиот сингл „Не могу престати да те волим“. Станува збор за преработка на хитот на Реј Чарлс „I Can’t Stop Loving You“.
„Беше многу тешко да се изберат најубавите песни на Мишо за Антологијата. Можеби затоа Антологијата на Мишо е објавена дури сега. Беше тешко една таква кариера да се најде на ограничен број компакт-дискови. Затоа оваа антологија не е стандардно издание со најголеми хитови. Оваа антологија е изборот на Мишо составен од неговите најомилени песни. Еден вид подарок за неговата публика што го следи и обожава толку верно. Заслужено, затоа што во ниту еден момент од кариерата Мишо не престана да ги почитува своите фанови“. Ова во книгичката на изданието го напиша Николина Мазалин, креативна директорка во „Кроација рекордс“.