Вработените на британската кралица Елизабета излегоа на тивок протест против намалувањето на бројот на вработени во замокот Виндзор. Синдикатот ПЦС објави слики на „Твитер“ од вработени кои протестираат пред главниот влез во замокот против намалувањата на пензиите и отпуштањата.
ПЦС објави дека 200 вработени се вишок, а се планираат и кратења на пензиите. Вработените одржаа тивок протест со врежаната фигура на кралот Хенри Осми.
„Кралот Хенри обезглавуваше… Сега тие сакаат да ни ги отсечат работните места и пензиите“, пишуваше на транспарентите.
На вработените со пониски плати во трите кралски резиденции, замоците Виндзор, Бакингем и Холирод, им се намалиле исплатите во пензискиот фонд од 15 на осум проценти.
Фондацијата, која управува со замоците и 600 вработени, потврди дека се обидува да ги намали трошоците поради последиците од пандемијата.