Наташа Стојаноска, сопругата на познатиот македонски пејач Маријан Стојаноски, за првпат се огласи на социјалните мрежи по смртта на нивниот син Петар, споделувајќи емотивна објава посветена на своето дете.
„Петар, ангелу наш мил, се ближат 40 дена откако ти се пресели на едно подобро место, а нас ни го остави најтешкиот товар – да учиме да живееме без тебе“, напиша таа.
Таа признава дека времето не ја намалило болката, туку дека деновите без нивниот син ја прават празнината уште подлабока.
„Велат дека времето лекува сè, но овие 40 дена ни покажаа дека болката и празнината само стануваат подлабоки“, сподели Наташа.
Во својата посвета, таа истакнува дека Петар засекогаш ќе остане нивната најголема гордост и светлина, а неговиот спомен ќе продолжи да живее во нивниот дом, молитвите и сеќавањата.
„Иако физички веќе не си со нас, твојот спомен го чуваме во секој агол од нашиот дом, во секоја молитва и во секоја солза. Нека твојата чиста душа најде вечен мир и спокој. Те сакаме бесконечно и ќе те сакаме додека дишеме“, напиша таа.
