Санторини и Миконос под притисок од туристи: Крузерската индустрија бара десетгодишен план
Сè поголеми се барањата за реформирање на правилата за работа на крузерската индустрија во Грција. Локалните заедници, институциите и компаниите од секторот бараат поцелосна стратегија која ќе го ограничи прекумерниот туризам, ќе го намали притисокот врз инфраструктурата и ќе го подобри искуството на туристите.
Компаниите што организираат крстарења бараат десетгодишна стратегија за развој, со која би можеле подобро да ги планираат своите активности, но и да се решат проблемите со кои се соочуваат локалните заедници во Грција.
Ова прашање беше разгледано и на минатонеделниот форум „ReImagine Tourism“ неколку недели претходно било тема и на средба меѓу Меѓународната асоцијација на крузерски компании (CLIA) и генералниот секретар за поморство и пристаништа на Грција.
Како што објави веб-страницата „The Traveler“, повикувајќи се на документ од CLIA, компаниите побарале приходите од новата такса за крстарења да се вложуваат во пристанишната инфраструктура, како и воведување поефикасни системи за прием и организирање на патниците, со цел да се намали зависноста од преоптоварените пристаништа.
Притисокот за промени доаѓа и по мерките што се применуваат од 2025 година. Новата такса за крстарење, која е во сила од 21 јули 2025 година, се наплаќа по патник и по пристаниште на кое се симнуваат туристите.
Во главната туристичка сезона, од 1 јуни до 30 септември, таксата изнесува 20 евра за Миконос и Санторини, додека за останатите пристаништа е пет евра. Во останатиот дел од годината, износите се пониски.
Санторини, кој е најизразен пример за прекумерна концентрација на туристи, веќе воведе ограничување од максимум 8.000 патници дневно кои се симнуваат од крузери. Општинскиот пристанишен фонд на Тира воспостави и систем за распределба на пристанишните места.
Оваа мерка следува по дневните пикови од 11.000 патници во 2024 година, додека претходните процени достигнувале и до 17.000 туристи дневно, што предизвикувало сериозен притисок врз патната мрежа и поморскиот транспорт.
Локалните пристанишни власти на Миконос и Санторини предупредуваат дека повисоките такси влијаат врз побарувачката и однесувањето на туристите, додека грчката влада ги брани мерките, оценувајќи ги како инструменти за управување со туристичкиот наплив и финансирање на инфраструктурата.
CLIA, пак, предлага дел од средствата да се насочат кон помалку посетените пристаништа, како Парос, Сирос, Наксос и Волос, со цел туристите да остануваат подолго или да преноќуваат на овие дестинации.
Асоцијацијата бара и ублажување на правилото според кое 70 отсто од патниците се распределуваат на старото пристаниште Фира, а 30 отсто на пристаништето Атиниос на Санторини.