Германски турист добил на суд спор против туристичка агенција поради праксата на „резервирање“ лежалки со пешкири во хотел на грчкиот остров Кос и му била доделена отштета од 986,70 евра, откако агенцијата не ја спроведувала забраната за такво однесување.Неименуваниот тужител навел дека за време на летувањето во август 2024 година на островот Кос во Грција не можел да најде слободни лежалки покрај базенот, бидејќи гостите однапред ги зафаќале местата оставајќи пешкири.Тој, како што пишува Телеграф, пред судот истакнал дека организаторот на патувањето не обезбедил почитување на правилата на хотелот со кои таквата практика била забранета, како и дека персоналот не реагирал на гостите кои ја прекршувале забраната.Поради тоа, како што навел, неговото семејство секојдневно поминувало и до 20 минути во потрага по слободни лежалки, додека дури ни раното станување во шест часот наутро не гарантирало место за одмор.Окружниот суд во Хановер пресудил во корист на туристот, оценувајќи дека туристичката агенција била должна да ги спроведува правилата на хотелот.Туристот, кој патувал со сопругата и двете деца, првично за аранжманот платил 1.786 евра, а судот му досудил делумен поврат на пари.Според едно истражување, речиси 66 отсто од Германците се против навиката за „резервирање“ лежалки со оставање пешкири, додека 14 отсто признале дека ги отстрануваат туѓите пешкири за да ги користат лежалките.
