Со лично богатство од околу 28 милијарди американски долари, султанот од Брунеи е вториот најбогат монарх во светот, по тајландскиот владетел.
Брунеи има 415.000 жители и владата обезбедува бесплатно образование, здравствена заштита, пензии и кредити со ниски камати за купување куќи и автомобили. Нафтата е извор на целото богатство. Списанието „Форбс“ ја рангираше како петта најбогата земја. Алкохолот е забранет и воопшто нема ноќен живот или културни настани. Султанот Хасанал Болкиа и неговите браќа Џефри и Мохамед се придржуваат кон исламскиот закон, но сè друго што прават е спротивно од Куранот и законите што ги вовеле.
И покрај строгиот шеријатски закон, самиот султан живее крајно развратно. Уште во 1997 година се дозна за раскошниот живот и оргиите во дворецот на султанот. За тоа проговори поранешната мис на САД, Шенон Маркетиц, која подоцна ги тужеше султанот и неговиот брат Џефри. На судските поднесоци, таа тврдеше дека агенцијата за таленти ѝ посредувала работа за 3.000 американски долари во Брунеи за лични настапи и промотивна работа. Наместо тоа, рече Маркетиц, тие ја држеле како сексуална робинка. Таа морала да танцува секоја вечер во приватниот ноќен клуб на султанот од 10 до 3 часот наутро, каде што ја третирале како проститутка. Таа за списанието „Пипл“ изјавила дека била дрогирана и злоупотребена, и кога конечно се вратила во САД, ги тужела за 10 милиони американски долари за ментална болка од кошмари, несоница и други трауми. Браќата побарале дипломатски имунитет, а султанот за обвинението рекол дека е полошо од убиство. Случајот бил отфрлен, според „Њујорк пост“.
72-годишниот султан владее повеќе од половина век – дури 52 години, и се дружеше со многу светски монарси, вклучувајќи ги кралицата Елизабета Втора и нејзиниот сопруг принцот Филип. Тој е познат по тоа што поседува околу 7.000 скапи автомобили. Исто така поседува неколку авиони чиј ентериер е украсен со злато. Султанот троши 35.000 американски долари за да патува со приватен авион кај неговиот омилен стилист кој ќе му ја истриже косата и брадата. И тој тоа го прави еднаш неделно.
Султанот сака свадби, па затоа си организирал и финансирал дури три од нив. Секоја, се разбира, чинела десетици милиони долари. Тој е татко на дванаесет деца и е многу внимателен во врска со нивните бракови. Секоја од раскошните свадби на неговите пет деца траела повеќе од една недела и секоја чинела најмалку 10 милиони долари.
Но, сето тоа е незначително во споредба со одбележувањето на неговиот 50. роденден во 1996 година.
Прославата траела две недели и чинела речиси 40 милиони долари. За време на прославата се играл и поло натпревар, а потоа поканил 3.000 гости во палатата на гала-вечера на која бил сервиран кавијар од белуга и се пиел најскап шампањ. Мајкл Џексон пеел три пати за време на прославата и добил 25,8 милиони долари. На крајот на прославата секој гостин отишол дома со прилично голем златник.
Султанот живее во палатата Инстан Нурул Иман, која е најголемата кралска резиденција во светот. Нејзината изградба траела две години и чинела нешто помалку од 2 милијарди американски долари. Има 1.788 соби и 257 купатила. Опкружена е со украси од злато и дијаманти, има пет базени, сала за банкет за повеќе од 5.000 гости и џамија со простор за 1.500 верници.
Како магнат, султанот има голема склоност за брзи и луксузни автомобили. Неговата колекција од илјадници автомобили вклучува и повеќе од 500 различни модели на „мерцедес“, 450 „ферари“, 380 „бентли“, повеќе од 100 „коенигсег“, 21 „ламборџини“, 11 „астон мартин“, 179 „јагуари“ и 209 „бе-ем-ве“. Но, исто така има и 600 „ролс-ројса“, од кои едниот е целосно позлатена лимузина Silver Spur која се користи само за свадби. Вкупната вредност на автопаркот е околу 10 милијарди долари.
Подеднакво завидна е и флотата на султановите летала, која вклучува „боинг 747“ со дневна соба, спална соба со злато и дијаманти. Бањите во авионот од 233 милиони фунти, исто така, содржат мијалници од чисто злато.